Јавете се веднаш на +389 2 307 60 61

Како да го заштитите Вашиот слух

Штом еднаш Вашиот слух се оштети, тоа оштетување е трајно. Затоа, од исклучителна важност е негово рано откривање и преземање акција за изнаоѓање на најдоброто решение. Не чекајте, преземете чекори за Вашиот слух  додека не е предоцна! Во прилог Ви посочуваме неколку лесни начини за заштита на Вашите уши и Вашиот слух:

1.Користете заштита за уши (тампони) во бучна средина

Честата изложеност на силни звуци трајно го оштетува слухот. Работењето во бучна средина, како што се фабриките, посетувањето клубови и музички концерти се само дел од работите кои може да придонесат за намалување на слухот. Употребата на тампони за уши го намалува ризикот од негово оштетување.

2.Намалете го звукот на Вашите уреди

Доколку сакате да уживате во музиката преку слушалки, може да ги заштитите Вашите уши со следење на правилото 60/60, односно да слушате со слушалки не повеќе од 60% јачина и не повеќе од 60 минути на ден. Особено опасни се слушалките кои директно влегуваат во ушниот канал, па затоа, се препорачува носење на стандардни слушалки. Не заборавајте дека секоја гласна музика претставува ризик за губење на слухот предизвикано од бучава. Затоа, умерена употреба на слушалки со помала јачина ќе Ве заштити од оштетување на слухот.

3.Дајте им на ушите време да закрепнат

Ако сте изложени на гласни звуци подолг временски период, на концерт или во  бар, на Вашите уши им треба време да закрепнат. Истражувањата покажуваат дека на ушите им се потребни во просек 16 часа во тивка средина за да закрепнат од една гласна ноќ.

4.Не користете стапчиња за уши

Многу често, луѓето користат стапчиња за уши за чистење на ушната маст. Постоењето на мала количина на ушна маст е сосема нормално и важно за функционирање на ушниот канал, со што се спречува навлегување на прашина и други штетни честички директно во него. Употребата на стапчиња за уши носи ризик од оштетување на овој чувствителен орган, односно оштетување на ушното тапанче. Доколку имате вишок ушна маст, најдобро е да се обратите кај лекар специјалист.

5.Земајте ги Вашите лекови како што Ви е препишано

Одредени лекови, како што се нестероидни антиинфламаторни (НСАИЛ) лекови: Аспирин, ибупрофен и напроксен, понекогаш може да придонесат за губење на слухот. Затоа, најважно е терапијата да Ви биде препишана од Вашиот лекар, а не да ги земате на своја рака и во неконтролирани количини. Разговарајте со Вашиот лекар за употребата на овие лекови доколку имате проблеми со слухот за да Ви ја одреди соодветната терапија.

6.Чувајте ги Вашите уши суви

Вишокот на влага може да им овозможи на бактериите да влезат и да го нападнат ушниот канал. Ова може да предизвика инфекции во увото, кои понекогаш водат кон губење на слухот. По секое капење или пливање, нежно поминете ги Вашите уши со сува крпа, а доколку почувствувате вода во ушниот канал, навалете ја главата настрана и повлечете го нежно  ушниот лобус за да ја извадите водата. Употребата на тампони за ушни е еден од најдобрите начини за заштита од вода.

7.Бидете активни

Дали сте знаеле дека вежбањето е добро за Вашите уши? Кардио вежбите како пешачење, трчање или возење велосипед го зголемуваат крвотокот во сите делови од телото, вклучувајќи ги и ушите. Ова им помага на внатрешните делови од увото да останат здрави и да работат со нивниот максимален потенцијал.

8.Намалете го стресот

Стресот и анксиозноста се поврзани со привремен и постојан тинитус. Високите нивоа на стрес предизвикуваат борба на организмот како инстинктивна реакција која го исполнува Вашето тело со адреналин. Овој процес прави голем притисок на Вашите нерви, протокот на крв, топлината на телото и многу повеќе. Често се смета дека овој притисок и стрес можат да доведат до појава на тинитус.

9.Проверувајте го слухот

Бидејќи губењето на слухот постепено се развива, препорачливо е да правите чести испитувања на слухот. На тој начин, поголема е веројатноста порано да ги препознаете знаците и да преземете соодветни чекори во решавање на овој проблем. Нетретирањето на оштетениот слух го намалува квалитетот на живеење, социјалниот живот, делува на работата, а се поврзува и со други здравствени проблеми како депресија, деменција и срцеви заболувања.